Пожарот во Лакавичкиот Регион во Општина Штип се разгоре, а во гаснењето се вклучуваат дополнителни сили од воздух и од земја. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во вонредна изјава од терен информираше дека во акцијата се вклучуваат ер тракторите на ДЗС, како и два хеликоптери – на МВР и на Армијата.
Особено внимание е насочено кон подрачјето покрај реката Лакавица, каде што, според Ангелов, има околу стотина викендици.
Тој информираше дека пожарникарите со големи напори успеале да ја запрат линијата на огнот која претставувала опасност за објектите.
„Голема благодарност до сите пожарникари, кои со надчовечки напори успеаја да ја стопираат линијата на огнот, која ме загрижи, бидејќи постоеше голема опасност за многубројните викендици“, изјави Ангелов.
Според него, ситуацијата на повеќе места во овој појас засега е под контрола, а очекува до вечер да биде ставен под контрола делот од пожарот кој ги загрозува викендиците.
Потоа противпожарните екипи ќе се насочат кон горниот крак на пожарот, кој се движи во правец на планината Серта.
На терен се ангажирани пожарникари од професионалните противпожарни единици од Источна Македонија, доброволни пожарникари и повеќе противпожарни возила. Вклучени се и БТР на ДЗС за заштита на блиските викендици, како и повеќе пинцгауери.
Според податоците на Центарот за управување со кризи до 18 часот, во Македонија во текот на денот биле регистрирани 22 пожари на отворен простор. Од нив пет биле активни, пет ставени под контрола, а 12 изгаснати.
Покрај пожарот во Штипско, активни пожари имало и на подрачјата на Струга, Сарај и Липково.








