ПРВ.мк
Свет

Затворската криза се продлабочува: Бројот на затвореници пораснал за 6,5 отсто за една година

Затворската криза се продлабочува: Бројот на затвореници пораснал за 6,5 отсто за една година

Франција се соочува со рекордна пренатрупаност на затворите, откако во август бројот на затвореници достигнал 89.668 лица, покажуваат податоците на француското Министерство за правда.

Во споредба со истиот период минатата година, бројот на лица зад решетки е зголемен за 6,5 отсто.

Колку е сериозен недостигот од сместувачки капацитети покажува и податокот дека во затворските ќелии биле поставени 7.956 душеци директно на подот поради недостиг од кревети. Според француската телевизија БФМ, тоа претставува зголемување од 43,5 отсто во однос на 1 август 2025 година.

Новите бројки дополнително го зголемуваат притисокот врз француските власти, кои со години се обидуваат да најдат решение за пренатрупаноста на казнено-поправните установи.

Министерството за правда најави отворање на дополнителни 3.000 места во таканаречени модуларни затвори. Тие би требало да бидат поевтини и побрзи за изградба од класичните затворски објекти, а половина од планираните капацитети се очекува да бидат пуштени во употреба во текот на следната година.

Сепак, генералната контролорка на местата за лишување од слобода, Доминик Симоно, предупредува дека изградбата на нови капацитети сама по себе нема да биде доволна.

Според нејзината проценка, за да се апсорбира сегашното ниво на пренатрупаност и да се следи растот на затворската популација, Франција практично би требало да отвора по еден нов казнено-поправен центар на секои шест недели.

Податоците укажуваат на сериозен притисок врз францускиот затворски систем, каде бројот на затвореници расте побрзо од расположливите сместувачки капацитети.