Триесет и двегодишната Ерин Пјаченти, потпретседателка во „Bank of America“, починала во болница од повредите здобиени во напад со нож на Тајмс сквер во Њујорк.
Според информациите на њујоршката полиција, 49-годишната Памела Сиснерос, вооружена со два ножа, нападнала двајца минувачи. Покрај Пјаченти, нападнат бил и 68-годишен маж.
Пјаченти се здобила со тешки убодни рани во пределот на стомакот и итно била пренесена во болница. И покрај напорите на лекарите, подоцна им подлегнала на повредите.
На местото пристигнале полициски службеници кои, според полициската комесарка Џесика Тиш, неколку минути се обидувале да ја убедат вооружената жена да ги спушти ножевите.
Тиш изјавила дека жената им се заканувала на полицајците, а кога со ножевите тргнала кон нив, службениците отвориле оган. Таа била застрелана и починала на местото.
Според досега објавените информации, нема индикации дека Пјаченти претходно ја познавала напаѓачката, а околностите и мотивот за нападот се предмет на истрага.
Пјаченти работела како потпретседателка задолжена за избор на деловни партнери и управување со конфликти на интереси во „Bank of America“.
Од банката соопштиле дека се шокирани и длабоко ожалостени од нејзината смрт, опишувајќи ја како ценет член на нивниот тим.







