Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, упати итен повик до земјите членки да обезбедат дополнителни ракетни пресретнувачи за Украина, по новиот бран руски напади.
Калас, пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Виклоу, во близина на Даблин, посочи дека дел од европските земји располагаат со пресретнувачи на кои наскоро им истекува рокот на употреба и оцени дека тие би можеле да бидат испратени во Украина.
„Знаеме дека некои земји имаат пресретнувачи на кои наскоро ќе им истече рокот на употреба. Затоа би било многу пожелно тие да ѝ бидат дадени на Украина“, изјави Калас.
Повикот, според неа, не е упатен само до членките на ЕУ, туку и до други држави кои би можеле да помогнат во обезбедувањето системи за заштита на украинските цивили.
Калас посочи дека јули и август биле најсмртоносните месеци за цивилното население во Украина и оцени дека Русија ги засилува нападите со цел да предизвика што поголема штета.
Украина располага со различни системи за противвоздушна одбрана, но особено голема е потребата од средства способни да пресретнуваат руски балистички ракети. Меѓу најважните за Киев се американските ракети за системите „Патриот“, чија достапност е ограничена.







