На денешното рочиште за трагичниот пожар во „Пулс“ во Кочани, повторно сведочеше градежниот вештак и професор Горан Марковски, кој даде дополнителни објаснувања за состојбата и намената на објектот.
Марковски посочи дека објектот во кој функционирала „Пулс“ според одобрението за градење бил наменет како деловен објект за лесна индустрија, а не како простор за дискотека. Тој факт бил утврден и во рамките на досегашната судска постапка.
Според неговото сведочење, објектот бил пренаменет и користен како дискотека без соодветна проектна документација и без одобрение за таквата промена од Општина Кочани.
Вештакот објаснил дека, согласно прописите за градење, градежниот инспектор имал право, но и обврска да реагира доколку при контрола утврди дека објектот се користи за поинаква намена од онаа за која бил одобрен. Во таков случај, според Марковски, можело да се побара објектот да биде вратен во првобитната законска состојба.
Марковски истакнал и дека користењето на објектот како дискотека, без соодветната документација и без исполнување на условите поврзани со таквата намена, претставувало сериозен безбедносен ризик за посетителите.
Според него, надлежниот инспектор можел и требало да преземе мерки за објектот да биде затворен сè додека не се отстранат утврдените неправилности.
Ова сведочење е дел од градежното вештачење кое се презентира во судската постапка за пожарот во „Пулс“. На претходните рочишта, тимот вештаци предводен од Марковски говореше и за промените направени во објектот, употребените материјали и прашањата поврзани со безбедноста и евакуацијата.
Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судската постапка продолжува, а по завршувањето на доказите на обвинителството се очекува одбраната да ги презентира своите докази.








