ПРВ.мк
Македонија

Алармантна состојба низ Македонија: Во моментов беснеат 21 пожар

Алармантна состојба низ Македонија: Во моментов беснеат 21 пожар

Македонија денеска се соочува со рекорден број активни пожари за ова лето. Според последните информации до 17 часот на 12 август, на територијата на државата се регистрирани дури 21 активен пожар.

Пожари има во повеќе региони, а зафатени се ниска и висока вегетација, мешана и нискостеблеста шума, ниви, како и објекти. Сите расположливи екипи се на терен и интервенираат на активните жаришта.

Меѓу посериозните пожари е оној во Општина Македонски Брод, кај местото Видуш во близина на селото Драгов Дол, каде гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во Општина Студеничани има две активни жаришта. Над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер е зафатена мешана шума, додека пожар е регистриран и во Батинци.

Активни шумски пожари има и кај Строхијадица во Зелениково, Манастирско Доленци во Кичево, како и кај Копанце.

Пожари и на повеќе локации во Скопје

Пожари се регистрирани и на неколку локации во скопскиот регион.

Во Општина Илинден гори ниска вегетација, а пожар има и во Чаир, во близина на Специјалното училиште „Иднина“ и Поликлиника Чаир.

Во Ѓорче Петров пожар е регистриран кај железничката станица, додека активен пожар на ниска вегетација има и на улицата „Гоце Делчев“ во Скопје.

Жаришта има и во Желино, Дебрца, Тетово, Теарце, Гостивар, Прилеп, Новаци, Штип, Битола и Центар Жупа.

Во Кичево, пак, кај селото Осој е пријавен пожар во плевна.

Според последниот пресек, 21 пожар истовремено остануваат активни, со што денеска е срушен досегашниот рекорд по бројот на активни пожари во текот на ова лето.

Сите надлежни екипи се на терен и работат на локализирање и гаснење на пожарите.