ПРВ.мк
Македонија

Се менуваат придонесите за плати – Собраниските комисии дадоа зелено светло

Се менуваат придонесите за плати – Собраниските комисии дадоа зелено светло

Две собраниски комисии го поддржаа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со што тој продолжува во понатамошна собраниска процедура.

Предлог-законот, кој се носи по скратена постапка, предвидува привремени измени на стапките на придонесите за периодот од јуни до декември 2026 година. Според образложението, целта е да се зајакне финансиската стабилност на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување преку прераспределба на средствата во системот на социјално осигурување.

Со предложените измени, придонесот за пензиско и инвалидско осигурување ќе се зголеми од 18,8 на 19,9 проценти, додека придонесот за осигурување во случај на невработеност ќе се намали од 1,2 на 0,1 процент.

Од предлагачите нагласуваат дека нема да има зголемување на вкупниот придонесен товар, бидејќи вкупната стапка останува непроменета и ќе изнесува 28 проценти.

Непроменети остануваат придонесот за здравствено осигурување од 7,5 проценти и придонесот за професионално здравје од 0,5 проценти.

Предлог-законот содржи и дополнителни одредби што се однесуваат на пресметката и уплатата на придонесите, различните категории осигуреници, основиците за пресметка и стажот со зголемено траење.

По поддршката од Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија, законските измени ќе се најдат и пред пратениците на пленарна седница.