Во емотивно и долго завршно излагање пред Основниот кривичен суд, обвинетиот Велибор Манев, кој се товари за учество во грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, изјави дека не чувствува вина за убиство и дека бил „манипулиран, уценет и искористен“ од Љупчо Палевски.
„Јас сум само алатка, шест години го поддржував, го спасував од затвор, трчав по адвокати, а тој ми го уништи животот. Простете ми“, рече Манев низ солзи пред судот, додавајќи дека чувствува срам и душевна болка.
Тој истакна дека иако бил дел од одредени настани, никогаш не знаел за планови за убиство. Тврди дека целта, според она што му било кажано, била изнуда пари преку грабнување, а не ликвидација.
„Да знаев што ќе направи Палевски, никогаш немаше да копам дупка. Тој ги изврши убиствата ладнокрвно, без најава. Бев во шок,“ изјави Манев.
Дополнително, тој спомена дека бил заплашуван со животот на своето семејство и натеран да пренесе „плав ранец“ во кој наводно имало оружје, по бегството на Палевски.
Тврди дека Обвинителството нема цврсти докази за негова директна вмешаност и дека снимките кои ги чувал од системот за видеонадзор се доказ дека не сакал да прикрива ништо.
Манев го заврши своето сведочење со каење: „Испаднав наивен. Загубив сè – пријатели, доверба, себе си. Не барам помилување, барам само вистината да излезе на виделина.“