Патниците кои патуваат преку Меѓународниот аеродром „Скопје“ отсега ќе имаат побрзо и поедноставно искуство при безбедносната контрола. Благодарение на новите CT скенери, повеќе нема потреба лаптопите, таблетите, мобилните телефони, парфемите и другите течности да се вадат од рачниот багаж при проверката.
Аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“ инвестираше околу еден милион евра во нов современ систем за безбедносна контрола, кој вклучува два CT скенери за рачен багаж и две автоматизирани ленти за враќање на корпите. Новата опрема е произведена од британската компанија Smiths Detection и веќе се користи на некои од најголемите светски аеродроми, меѓу кои Франкфурт, Хитроу и Цирих.
Според генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, новата технологија овозможува обработка на речиси двојно повеќе патници на час, што ќе го намали времето на чекање, особено во периодите со најголема фреквенција.
Од Министерството за транспорт оценуваат дека инвестицијата ќе придонесе не само за побрза услуга, туку и за повисоко ниво на безбедност, додавајќи дека ваков систем засега не е инсталиран на ниту еден друг аеродром во регионот.
Инаку, во првите пет месеци од годинава двата македонски аеродроми опслужиле над 1,58 милиони патници, што претставува раст од 31,2 проценти во однос на истиот период лани, додека бројот на реализирани летови е зголемен за 9,5 проценти.






