Утре, со почеток во 20:00 часот, на платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се одржи собир во чест на македонската музичка легенда Владо Јаневски.
Од „Прагма продукција“ ги повикаа сите кои ја сакаа неговата музика и растеа со неговите песни да присуствуваат и заедно достоинствено да му оддадат последна почит.
Организаторите порачуваат дека вечерта ќе биде исполнета со музика, свеќи и спомени, а присутните ќе имаат можност уште еднаш да се потсетат на безвременските хитови што ги остави зад себе.
„Нека неговите песни одекнат уште еднаш, нека светлината од свеќите биде нашето ‘благодарам’, а нашето присуство доказ дека големите уметници никогаш не се забораваат“, велат од продукцијата.
Собирот е замислен како достоинствено збогување со човекот чии песни оставија неизбришлива трага во македонската музика.
„Легендите никогаш не умираат. Тие засекогаш остануваат во срцата на својот народ“, стои во повикот до јавноста.







