ПРВ.мк
Македонија

ОБЈАВЕН ДАТУМОТ ЗА СЛЕДНАТА: Бесплатна здравствена акција во Велес - над 120 граѓани се прегледаа за два часа

ОБЈАВЕН ДАТУМОТ ЗА СЛЕДНАТА:  Бесплатна здравствена акција во Велес - над 120 граѓани се прегледаа за два часа

Голем број велешани денеска ја искористија можноста за бесплатна проверка на здравјето во рамки на превентивната акција организирана од службата за Итна медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес.

Пунктот беше поставен на плоштадот „С’рмаале“, под сенката на повеќевековниот јавор, каде граѓаните бесплатно можеа да го проверат крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта.

Според информациите од ЈЗУ Здравствен дом Велес, за само два часа биле прегледани 122 граѓани. Кај 81 лице било извршено мерење на гликемија, додека кај 41 граѓанин бил измерен крвниот притисок.

Од вкупниот број прегледани, 70 биле мажи, а 52 жени. Дел од нив случајно поминувале покрај пунктот, додека други дошле откако се информирале преку Фејсбук-страницата на Здравствениот дом.

Од установата најавија дека следната акција за бесплатни здравствени прегледи ќе се одржи во вторник, на 21 јули, од 9:00 до 11:30 часот, а локацијата ќе биде дополнително објавена преку медиумите и официјалната Фејсбук-страница на ЈЗУ Здравствен дом Велес.