Скандалозни злоупотреби во здравствената администрација открил министерот за здравство, кој тврди дека со години постоела пракса еден вработен да се пријавува на работа во име на повеќе свои колеги, додека тие воопшто не биле присутни на работното место.
Според неговите наводи, наместо да бидат во канцелариите, дел од вработените времето го минувале надвор од институциите, а системот бил злоупотребуван преку меѓусебно „чекирање“ со електронските картички. Анализите покажале дека постоеле групи на вработени кои со години функционирале по принципот „денес јас ќе се куцам за тебе, утре ти за мене“.
Неправилностите биле откриени преку детална анализа на податоците од системот за евиденција на работното време. Според министерот, сомнежите се појавиле откако било забележано дека исти групи луѓе секојдневно доаѓале и си заминувале во речиси идентично време, до секунда прецизно.
Откако биле повикани на разговор и соочени со доказите, дел од вработените не ги негирале наодите. Токму поради ваквите злоупотреби, Министерството започнува со воведување систем за евиденција преку отпечаток од прст, со цел да се спречи можноста едно лице да се пријавува во име на друго.
Од ресорот сметаат дека новиот систем ќе овозможи поголема дисциплина, но и попрецизно евидентирање на прекувремената работа, што во иднина треба да значи и поправедно вреднување на трудот на здравствените работници.
Надлежните очекуваат мерката значително да ги намали злоупотребите и да воведе поголема одговорност во институциите, каде што досега, според нивните тврдења, дел од вработените успевале да го заобиколуваат системот без последици.








