ПРВ.мк
Македонија

Крај на злоупотребите? Владата воведува старосна граница за студентските домови

Крај на злоупотребите? Владата воведува старосна граница за студентските домови

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави измени на Законот за студентски стандард, со кои ќе се воведе максимална старосна граница од 30 години за сместување во студентските домови.

Според Јаневска, целта е да се спречат злоупотребите, бидејќи биле евидентирани случаи на студенти кои со години ги презапишувале студиите само за да продолжат да користат сместување по субвенционирани цени.

Освен старосната граница, измените предвидуваат и построги дисциплински мерки. Студентите кои ќе направат потешки прекршоци, како уништување на инвентар, употреба на алкохол или недозволени супстанци, насилничко однесување, вознемирување или дискриминација, ќе можат да добијат забрана за сместување во студентски дом од една до пет години.

Јаневска информираше дека во тек е реконструкција на студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, која треба да заврши до октомври, а најави и обнова на уште неколку студентски домови со финансиска поддршка од Европската Унија, Германската развојна банка и државата.

Министерката посочи дека ревизиите покажале сериозни пропусти во работењето на дел од студентските домови, поради што најави промени во раководствата и поднесување пријави до надлежните институции таму каде што ќе бидат утврдени неправилности.