ПРВ.мк
Македонија

ТАКСИСТИТЕ ПОДГОТВУВААТ ПРОТЕСТ: Причината предизвика жестоки реакции - Ова се деталите

ТАКСИСТИТЕ ПОДГОТВУВААТ ПРОТЕСТ: Причината предизвика жестоки реакции - Ова се деталите

Такси превозниците во Скопје најавуваат можни протести поради, како што велат, долгогодишни нерешени проблеми во дејноста и новите услови кои би можеле да остават голем број возачи без можност да работат.

Од Групацијата на автотакси превоз на Град Скопје посочуваат дека со години наназад се наталожуваат проблеми кои директно влијаат врз работењето на такси превозниците, безбедноста на патниците и функционирањето на целиот сектор. Тие велат дека и покрај бројните барања и иницијативи, досега нема конкретни решенија од надлежните институции.

Дополнителен револт кај таксистите предизвикала одлуката да не се издаваат или продолжуваат лиценци за возила постари од 15 години. Според нив, ваквата мерка ќе значи дека голем број возачи ќе останат без можност да ја вршат својата дејност.

Такси превозниците сметаат дека наместо старосна граница за возилата, критериумите треба да се темелат на еколошките стандарди и техничката исправност на автомобилите, како што е пракса во голем број европски држави.

Во своите барања до Владата и другите институции, тие бараат поголеми контроли врз нелегалните такси превозници, проверка на пријавувањето на вработените возачи, како и контроли на таксиметрите поради поплаки од граѓани за неправилна наплата на услугите.

Од Групацијата најавуваат дека во координација со синдикалните организации се разгледуваат можностите за организирање протест, а детали за времето и местото на евентуалниот протест ќе бидат соопштени дополнително.

Такси превозниците очекуваат институциите во најкус можен рок да започнат дијалог и да понудат решение кое ќе ги заштити интересите на возачите, но и на граѓаните кои секојдневно ги користат такси услугите.