Македонската јавност е во шок по најновиот фемицид во Штип, каде повторно жена го загуби животот од својот партнер.
Адвокатката Катерина Котеска-Стисниовска, позната по својата борба за заштита на жени жртви на семејно насилство, упати алармантна порака:
- „Уште еден фемицид! Уште една жртва на семејно насилство, по Росица од Велес која беше убиена пред два месеци. Дали сте свесни дека на секои два месеци имаме убиена жртва на семејно насилство? Дали сте свесни дека стана страшно за живеење ако си жена?!“
Таа продолжува со критика кон институциите:
- „Дали сте свесни дека насилниците се окуражуваат да бодат жени со нож во бел ден, како Росица, или да ги парчосуваат со секира и да ги закопуваат во сопствениот двор? Сето тоа се случува поради неправилно постапување на институциите, благите казни и игнорирањето на семејното насилство.“
Котеска-Стисниовска потсетува на Светскиот ден на борбата против семејното насилство, кој се одбележува на 25 ноември, и ја критикува површната активност:
- „Ќе ги броиме и закопуваме убиените жртви или ќе продолжиме со симболични трибини? Оваа девијантна појава го засега целото општество, а ние како заедница не направивме доволно за да ги заштитиме жртвите.“
Во завршница, адвокатката ја изразува својата тага:
- „Нека почиваат во мир. Господ нека им даде светлина. Не го заслужија тоа, а ние како општество не ги заштитивме.“
















