Македонската режисерка Дина Дума постигна голем меѓународен успех откако нејзиниот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја освои престижната награда „Нора Ефрон“ на филмскиот фестивал „Трибека“ во Њујорк.
Филмот својата светска премиера ја имаше во рамки на главната меѓународна конкуренција на фестивалот, а признанието се доделува на авторки со силен и автентичен филмски израз.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е втор долгометражен филм на Дума и ја раскажува приказната за три генерации жени од ромската заедница кои се соочуваат со судирот меѓу традицијата и современиот живот.
Главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула, додека сценариото е напишано од Дина Дума во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар-Митевска.
Филмот е копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а зад продукцијата стои „Сестри и брат Митевски“. Наградата претставува уште едно значајно меѓународно признание за македонската кинематографија.









