Системот „Безбеден град“ наскоро ќе почне да ги опфаќа и возачите со странски регистарски таблички кои прават сообраќајни прекршоци додека транзитираат низ Македонија. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за време на промоцијата на кампањата „Вози одморен“ на граничниот премин Табановце.
Тошковски порача дека камерите веќе функционираат и ги евидентираат прекршоците, а следниот чекор е воспоставување систем преку кој казните ќе им се доставуваат и на странските државјани.
Според него, новиот модел ќе важи за сите возачи, без разлика дали управуваат возило со македонски или странски регистарски таблички. Целта, како што истакна, не е само санкционирање, туку пред сè зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни несреќи.
Министерот нагласи дека институциите веќе работат на техничкото решение за испраќање на казните до возачите од други држави и изрази уверување дека, со помош на современата технологија, системот наскоро ќе биде целосно функционален.
Во промоцијата учествуваше и српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, кој ја истакна важноста од регионална соработка и усогласување со европските практики за поефикасно санкционирање на прекршителите во меѓународниот сообраќај.







