Истражувањето на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ покажува дека македонскиот работник е значително по продуктивен од европскиот колега, но неговата плата е околу една третина од европскиот просек. Според анализата, за Северна Македонија би било потребно околу 40 години за да се достигне просечната европска плата, а за да го достигне животниот стандард на ЕУ, потребен би бил дури половина век, доколку не се преземат суштински реформи.
Според директорот на ЗМАИ, Виктор Митевски, растот на платите треба да оди заедно со зголемување на додадената вредност на производите. Тој посочува дека само зголемување на плата без економска основа може да има контраефект, но дека постои простор за постепено покачување на платите и во сегашните услови.
Во моментов, просечната бруто плата во земјава е околу 1.000 евра, што е една третина од просекот во ЕУ. Македонските работници произведуваат околу 53 проценти од она што го произведува работник во ЕУ, што значи дека платите се несразмерно ниски во однос на продуктивноста. Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ истакнува дека, иако во Европа се користат напредни технологии, македонските работници не се мрзеливи, но се плаќаат многу помалку од реалната продуктивност.
Слабата динамика на економскиот раст, спорото зголемување на продуктивноста и иселувањето на високо квалификувани работници го влошуваат пазарот на трудот. Според поранешната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, работно способното население се намалило од 70 на 65 проценти во последната декада, а тенденцијата ќе продолжи до 2050 година, што дополнително го намалува потенцијалот за раст.
Анализата покажува дека клучни фактори за подобрување на економијата се инвестиции во дигитализација, инфраструктура и подобрување на квалитетот на институциите. Северна Македонија, според Светскиот економски форум, е рангирана на 84 место од 140 земји по квалитетот на институциите.
Дополнително, економскиот развој се ограничува и поради слабите резултати во образованието и животната средина. Иако има напредок во уписите на факултетите, анализата на ЗМАИ покажува дека во четири од шест индикатори земјата се оддалечува од европските стандарди, што го влошува долгорочниот развој и шанса за приближување кон ЕУ.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк