Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ објави дека е извршена втората распределба на средствата собрани на заедничката сметка за донации, која изнесуваше близу 11 милиони денари.
Според објавата на Фејсбук профилот на иницијативата, од вкупната сума од 10.944.793 денари, еден милион денари беше наменет за данок на државата, додека остатокот беше еднакво распределен на 137 лица, при што секој доби 71.900 денари.
„Почитувани, транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределба на средствата од заедничката сметка за донации преку SupportKocani, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, стои во објавата на „Супорт Кочани“.
Средствата потекнуваат од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.
Трагичниот настан се случи на 16 март оваа година, кога во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
















