На вчерашното јавно наддавање за продажба на поголемиот дел од ски-центарот Маврово, комплетирани се сите правни и финансиски постапки, како и обврските поврзани со купопродажбата на „Ресорт Маврово“. Компанијата „Бесијан холдингс ПТИ ЛТД“, сопственост на Љубе Кутлешоски од Австралија, ги исполни сите услови од договорот за купопродажба.
По средбата со Кутлешоски, повереникот-градоначалник на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, истакна дека оваа транзакција отвора нова ера за ски-центарот и создава можности за инвестициски циклус и развој на Маврово како врвна туристичка дестинација.
Новиот сопственик потврди дека сите технички и организациски подготовки за зимската сезона се завршени, ски-патеките и опремата се во одлична состојба и подготвени за првите туристи.
Хотелските капацитети во рамките на „Ресорт Маврово“ – „Спорт“, „Смрча“ и „Лоџ“ – ќе бидат во целосна функција во наредните денови, обезбедувајќи квалитетно сместување и услуги за посетителите.
Јакупоски изрази задоволство од сериозниот пристап на инвеститорот и најави дека Општината ќе биде партнер во сите идни проекти кои придонесуваат за развој на туризмот и отворање нови работни места.
„Влезот на капитал од дијаспората, конкретно од Австралија преку компанијата на Кутлешоски, е од огромно значење за нашата општина. Вестите дека ски-центарот и хотелите се подготвени за старт на сезоната се одличен сигнал за локалната економија. Маврово се враќа на мапата како лидер во зимскиот туризам“, изјави Јакупоски.
















