Опасно неексплодирано убојно средство било безбедно отстрането од плажа на Дојранското Езеро, информираше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Станува збор за артилериска граната со калибар од 100 милиметри, тешка 13,6 килограми, која потекнува од Првата светска војна и била наменета за хаубица М14.
Од ДЗС соопштија дека интервенцијата ја извршил пиротехничарот Зоран Пејев, кој безбедно ја отстранил гранатата од брегот на езерото, со што била елиминирана потенцијалната опасност за граѓаните и посетителите.
Од Дирекцијата посочуваат дека вакви неексплодирани убојни средства и понатаму повремено се пронаоѓаат во Дојранскиот, Гевгелискиот, Битолскиот и Охридскиот регион, поради што апелираат граѓаните доколку забележат сомнителен предмет веднаш да ги известат надлежните служби и да не се обидуваат сами да го поместуваат.








