ПРВ.мк
Македонија

Кривична пријава за финансиски директор на Тутунски комбинат – откриени сомнителни исплати

Кривична пријава за финансиски директор на Тутунски комбинат – откриени сомнителни исплати

ОВР Прилеп поднесе кривична пријава против две лица од Прилеп и едно правно лице поради сомнение за продолжени кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба, фалсификување службена исправа и фалсификување или уништување деловни книги.

Според полицијата, првопријавениот, кој бил финансиски директор во АД „Тутунски комбинат Прилеп“, во периодот од 2021 до крајот на 2024 година, во договор со второпријавениот – управител на приватна компанија од Прилеп, примал и одобрувал фактури за наводно извршени услуги кои, според истрагата, никогаш не биле реализирани.

Сомнителните фактури биле евидентирани како обврски во сметководството, а потоа одобрени за исплата, иако за нив немало потврда за извршена услуга ниту пак биле заведени во интерниот систем за нарачки на Тутунскиот комбинат.

Дополнително, од 31 мај 2023 година финансискиот директор ги вршел исплатите преку банкарска сметка на која бил единствен потписник, иако таа, според статутот на друштвото, била предвидена исклучиво за интервентни ситуации.

Со ваквите дејствија, според полицијата, биле исплатени вкупно 1.439.573 денари во корист на приватното правно лице, од кои 874.540 денари биле исплатени преку сметката со единечен потписник.

Против двајцата осомничени и правното лице е поднесена кривична пријава, а надлежните институции ќе ја продолжат постапката.