ПРВ.мк
Македонија

Ова се најкористените лекови во Македонија: Антибиотиците конечно во пад

Ова се најкористените лекови во Македонија: Антибиотиците конечно во пад

Употребата на антибиотици во Македонија е во опаѓање, додека најкористени лекови кај граѓаните и понатаму се метформинот, пантопразолот и дијазепамот. Ова го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, презентирајќи ги податоците за потрошувачката на лекови во периодот од 2023 до 2025 година.

Според Клековски, вкупната вредност на лековите финансирани од ФЗО и државата во 2025 година достигнала околу 11 милијарди денари. Во споредба со 2023 година, потрошувачката е зголемена за 34 проценти, главно поради воведувањето нови и поскапи терапии.

Истовремено, за првпат е регистрирано намалување на употребата на антиинфективни лекови, вклучително и антибиотиците, и по бројот на рецепти и по вкупната потрошувачка.

Во рамките на Позитивната листа А годинава се издадени околу 27 милиони рецепти, што претставува раст од осум проценти. Најмногу средства се издвојуваат за лекови за кардиоваскуларни заболувања, чија вредност надминува една милијарда денари.

Најголем пораст има кај современите терапии што се обезбедуваат преку условните буџети за пациенти со онколошки, ретки и автоимуни заболувања. Според Клековски, зголемувањето на средствата за околу 80 проценти овозможило укинување на листите на чекање за повеќе категории пациенти, меѓу кои лицата со цистична фиброза, мултипла склероза и дефицит на хормон за раст.

Од 1 јули започнува поширока примена на електронскиот рецепт, со што ФЗО очекува подобра контрола врз издавањето лекови и намалување на злоупотребите.

„Една од целите е да се спречат двојните наплати, односно случаи кога лекот се наплатува и од пациентот и од Фондот. Новиот систем ќе содржи повеќе автоматски контроли кои ќе ги заштитат пациентите, аптеките и матичните лекари“, изјави Клековски.

Според податоците на Фондот, најкористен лек во земјава останува метформинот, со повеќе од два милиони издадени рецепти во текот на 2025 година. По него следуваат пантопразолот, кој се користи за желудочни заболувања, и дијазепамот.

Клековски најави и понатамошно проширување на Позитивната листа со нови современи терапии, при што заштедите од пониските цени на дел од лековите ќе бидат пренасочени кон воведување поефикасни третмани за пациентите.