Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, сериозно размислува за независна кандидатура на претстојните локални избори во октомври, откако неодамна го замрзна членството во СДСМ и јавно објави дека нема да настапи како кандидат на оваа партија. Во нова објава на Фејсбук, тој порача дека „не може да молчи пред енергијата што ја чувствува од граѓаните“, но и дека конечната одлука ќе ја донесе и објави за неколку недели.
Костадинов признава дека секојдневно добива стотици повици и пораки со прашањето дали ќе се кандидира самостојно, а иако вели дека таа мисла е сè уште „во зачеток“, додава дека одлуката ќе биде остра, конечна и целисходна. Тој нагласува дека неговата евентуална независна кандидатура не е за слава, туку одговорност пред народот, што ја чувствува како повик кој не смее да го игнорира.
„Не сакам да им наштетам на моите другари со кои го делев и доброто и лошото, но не можам да молчам пред енергијата од граѓаните. Разговарам со сите – од обичниот народ до граѓански здруженија, партии и социјалдемократи кои се исклучени од новите советнички листи“, изјави Костадинов.
Тој веќе најави и ново интерпартиско делување, што укажува на можност за создавање сопствена политичка платформа или граѓанско движење.
До конечната одлука, Костадинов побара трпение од струмичани и најави дека ќе продолжи да работи со народот и за идејата што ја носи. Неговата порака е јасна – ако реши да се кандидира, тоа ќе биде со целосна подготвеност да ја понесе одговорноста за довербата што му се укажува.