Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека во моментов нема простор за покачување на платите во правосудниот сектор, но потенцираше дека Владата е подготвена да вложи во подобрување на ресурсите и условите за работа.
Одговарајќи на барањата на новиот државен јавен обвинител Ненад Савески за поголема финансиска поддршка за поефикасна борба против криминалот, Мицкоски нагласи дека е можно да се разговара за подобрување на алатките и капацитетите, како во Обвинителството, така и во судовите.
Тој посочи дека, според планот на Судскиот совет, се одобрени околу 200 нови вработувања во судовите низ државата. Се работи за судски соработници, а не за судии, што претставува важен чекор кон зголемување на ефикасноста на правосудниот систем.
Премиерот додаде дека средствата за овие вработувања се веќе одобрени од Министерството за финансии и дека Владата нема да се меша во кадровските одлуки, кои ги носат самите институции.
Од своја страна, Савески нагласи дека за успешна борба против криминалот се неопходни дополнителни финансиски средства и подобри услови за работа, истакнувајќи дека институциите мора да имаат соодветни капацитети за следење и санкционирање на криминалните активности.
🔽 ОД ДЕНЕС СЛУШАЈ ЈА ТВОЈАТА ОМИЛЕНА РАДИО СТАНИЦА НА ПРВ.МК 🔽



















