Екипите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кавадарци успешно интервенираа на пожар што избувнал на локацијата пред мотел Дреново, каде што биле зафатени сува трева и дрвја.
Благодарение на брзата и координирана реакција на пожарникарите, огнената стихија била навреме локализирана, а потоа и целосно изгасната. Со тоа било спречено пожарот да се прошири кон поголема површина и да предизвика дополнителна материјална штета или да ги загрози околните објекти и природното богатство.
Од ТППЕ Кавадарци посочуваат дека навремената интервенција била клучна за ставање на пожарот под контрола, особено имајќи ги предвид високите температури и сувата вегетација кои значително го зголемуваат ризикот од брзо ширење на огнот.
Воедно, од надлежните повторно апелираат до граѓаните да бидат максимално внимателни при престој во природа и да избегнуваат палење оган, фрлање отпушоци или други активности што можат да предизвикаат пожар.
Пожарот е целосно изгаснат, а не е пријавена повреда на лица ниту поголема материјална штета.







