Македонија и Албанија постигнуваат нов чекор во зајакнувањето на меѓусебната соработка, со воведување на заеднички гранични премини и систем за едношалтерска контрола познат како „One Stop“.
Договорот, кој денеска го презентираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, предвидува поефикасна и побрза гранична проверка за граѓаните и стоката, со заедничко делување на двете држави на исто гранично место. Со ова се заокружува системот на ваков тип контроли со сите соседни земји кои не се дел од Шенген зоната, по претходно воспоставени модели со Србија и Косово.
Според најавите, новиот модел треба значително да го намали времето на чекање на границите и да ја олесни комуникацијата меѓу граничните служби на двете држави.
Тошковски истакна дека реформите во Министерството за внатрешни работи продолжуваат со фокус на модернизација, дигитализација и зголемување на ефикасноста на услугите кон граѓаните. Во тој контекст, тој се осврна и на повторното отворање на Средното полициско училиште, каде првата генерација ученици ќе започне со настава од 1 септември.
Дополнително, во повеќе општини се отворени нови канцеларии за управни работи, додека дел од административните документи веќе се достапни електронски, со што се намалуваат чекањата и бирократските процедури.
Министерството најавува дека со овие чекори се гради поефикасен и помодерен систем, кој треба да обезбеди поголема сигурност и олеснет проток на луѓе и стоки меѓу двете земји.










