Силното невреме што денеска го зафати охридскиот регион предизвика значителна материјална штета, особено во Љубаништа и Трпејца, каде силниот ветер и високите бранови оставија зад себе драматични сцени.
Според информациите, повеќе од 30 пловни објекти биле откорнати од местата каде што биле закотвени и исфрлени на брегот кај Љубаништа. На снимките објавени на социјалните мрежи може да се видат чамци насукани на песокот, додека дел од нив се превртени или оштетени од силните налети на ветерот и брановите.
Последиците од невремето се видливи и во Трпејца, каде високите езерски бранови целосно ја покриле плажата. Водата стигнала сè до првиот ред куќи покрај брегот, оставајќи зад себе поплавени делови од крајбрежјето.
Засега нема информации за повредени лица, но штетите на пловните објекти и крајбрежната инфраструктура се значителни.
Надлежните служби апелираат граѓаните и сопствениците на пловни објекти да бидат внимателни и да ги следат временските предупредувања, бидејќи нестабилното време во охридскиот регион сè уште не е целосно завршено.








