ПРВ.мк
Македонија

Здравствен пресврт по трагедијата „Пулс“ – кој од повредените ќе замине на операција во странство?

Здравствен пресврт по трагедијата „Пулс“ – кој од повредените ќе замине на операција во странство?
Kristal

Вкупно 143 лица кои беа повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ја поминаа фазата на реевалуација, која ја спроведе проширен медицински тим составен од специјалисти од Општата болница во Кочани и клиничките центри во Скопје. Според првичните наоди, кај најголемиот дел од пациентите со полесни повреди лекувањето е веќе завршено, додека кај потешко повредените следува долг и сложен процес на рехабилитација, како и можни естетски и функционални корекции.

Директорката на Општата болница – Кочани, д-р Катерина Паниќ Мирчевска, објаснува дека на реевалуација биле повикани сите пациенти од првичната проценка, но реално се одзвале 143 лица. Таа потенцира дека процесот не е завршен и дека следењето на здравствената состојба на повредените ќе продолжи континуирано.

Според неа, пациентите кај кои постојат последици од вдишување чад ќе бидат преземени од пулмолози, додека оние со изразени лузни и кожни оштетувања ќе бидат насочени кон Клиниката за дерматовенерологија за понатамошен третман и можни корекции.

Физикална терапија во повеќе здравствени установи

Во моментов, во кочанската болница секојдневно на физикална терапија доаѓаат меѓу 20 и 30 пациенти. Дел од повредените, кои веќе се вратиле на работните места или во образовниот процес, терапијата ја спроведуваат во здравствени установи поблиску до местото на живеење.

Така, рехабилитациски третмани се изведуваат и во болницата во Штип, во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, како и во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, особено за пациентите со респираторни последици.

Странски експерти и можни операции надвор од државата

За најкомплексните случаи, особено оние кои бараат сериозни естетски интервенции на лицето или телото, конечната одлука дали лекувањето ќе се одвива во странство или со ангажман на странски специјалисти во земјава ќе ја носи стручен медицински конзилиум.

Директорката нагласува дека за овие пациенти е неопходен детален и прецизен план, бидејќи станува збор за сложен процес кој зависи од можностите на здравствените центри и од потребите на самите повредени.

Во рехабилитацијата веќе се вклучени и меѓународни експерти, меѓу кои специјалисти по физикална терапија од Велика Британија и пластични хирурзи од Белгија. Во текот на овој месец тие треба да направат дополнителна проценка и да дадат насоки за понатамошниот третман.

Паралелно, под медицински надзор остануваат и пациентите со пулмолошки компликации од вдишување чад, дел од кои веќе го завршиле болничкото лекување во специјализираната установа во Јасеново.

FixCredit
Escape