ПРВ.мк
Македонија

Огнена сабота во Македонија: Регистрирани 10 пожари, еден уште не е ставен под контрола

Огнена сабота во Македонија: Регистрирани 10 пожари, еден уште не е ставен под контрола

На територијата на државата во текот на денешниот ден биле регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, при што еден сè уште е активен, додека останатите девет се целосно изгаснати.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, активен останува пожарот во Општина Арачиново, каде што гори ѓубре и ниска вегетација. Надлежните служби се на терен и работат на негово локализирање и целосно гаснење.

Во меѓувреме, успешно се изгаснати пожарите што избувнале на повеќе локации низ државата. Интервенции имало во Општина Сарај кај селото Грчец, во близина на викенд-населбата, каде што била зафатена ниска вегетација, како и во Визбегово во Општина Бутел, каде што гореле дива депонија и ниска вегетација.

Пожарникарите интервенирале и кај селото Волковија во Општина Брвеница, на месноста „9-ти километар“ во близина на експресниот пат Штип – Радовиш, како и кај селото Тркање во Кочанско, каде што исто така била зафатена ниска вегетација.

Изгаснати се и пожарите кај селото Бучим во Радовишко, кај селото Теповци во Општина Новаци, како и пожарите во кумановското село Пчиња и во липковскиот регион кај селото Отла и Липковско Поле кон Оризаре, каде што покрај ниската вегетација гореле и житни површини.

Надлежните апелираат до граѓаните да бидат внимателни и одговорни при движење и престој на отворено, особено во услови на високи температури и зголемен ризик од појава и ширење на пожари.