Министерот за здравство Азир Алиу најави значајни законски измени со кои секој полнолетен граѓанин во Македонија ќе може кај својот матичен лекар јасно да се изјасни дали сака да биде органодарител. Со ова, како што истакна, државата ќе добие појасна слика за ставовите на граѓаните и ќе се зголемат довербата и информираноста за органодарителството.
Алиу ја даде изјавата на панел-дискусија во Гостивар, неговиот роден град, нагласувајќи дека органодарителството не е само здравствено, туку и длабоко човечко и морално прашање. Тој порача дека ваквите теми бараат отворен разговор во семејствата, училиштата и целото општество, а не одлуки донесени во моменти на трагедија.
Според него, Министерството веќе работи на национална кампања за подигнување на свеста, како и на вклучување на матичните лекари, образовните институции, пациентските здруженија и верските заедници во процесот на едукација и информирање. Воедно се подготвува и дигитална платформа преку која волјата на граѓаните ќе биде безбедно евидентирана.
Законските измени, кои веќе се доставени во Собранието по скратена постапка, предвидуваат и проширување на можностите за живо дарување органи во рамки до четврти степен на сродство, со строго почитување на сите медицински и етички стандарди.
Изјаснувањето ќе се врши преку системот „Мој термин“, со можност граѓаните во секое време да ја сменат својата одлука. Целта е, како што посочи министерот, да се заштити личната слобода, но и да се создаде јасна национална евиденција за органодарителството.
„Кога системот ќе започне со примена, јас ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител“, порача Алиу.








