Дрога и ладно оружје биле пронајдени при акциска контрола во угостителски објекти на територијата на Тетово, информира Министерството за внатрешни работи. Во акцијата биле приведени четири лица.
Според информациите од МВР, полициски службеници од СВР Тетово во периодот од 17 до 18 јули, од 23:30 до 02:00 часот, извршиле контрола во повеќе угостителски објекти на подрачјето на Тетово.
При претрес во еден од објектите, во задниот дел биле пронајдени две кесиња со бела прашкаста материја, за која постои сомнение дека е недозволена супстанца.
Во текот на контролите, бил приведен и А.А. (23) од село Ново Село, поради омаловажување на полициски службеници. Дополнително, Е.Р. (29) од село Камењане, С.А. (24) од Гостивар и С.Ј. (59) од село Голема Речица биле лишени од слобода бидејќи кај нив биле пронајдени ножеви.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни пријави.
Полициските контроли, како што посочуваат од институцијата, се дел од активностите за одржување на јавниот ред и безбедност.










