ПРВ.мк
Македонија

ТАЖНА ВЕСТ вечерва: Почина познатиот македонски доктор

ТАЖНА ВЕСТ вечерва: Почина познатиот македонски доктор

Тажна вест од Пробиштип. На 71-годишна возраст почина д-р Мијалче Андоновски, долгогодишен лекар по општа медицина, хуманист и еден од почитуваните сограѓани кој својот професионален живот го посвети на здравјето на луѓето.

Веста за неговата смрт беше објавена на локалната страница „Probistip on air“, по што бројни сограѓани, пријатели и поранешни пациенти започнаа да се простуваат од него со емотивни пораки.

Д-р Андоновски, роден во 1955 година, зад себе остави повеќедецениска лекарска кариера, исполнета со посветеност, хуманост и грижа за пациентите.

Неговите сограѓани го паметат како ведар, непосреден и секогаш подготвен да помогне, лекар кој оставил длабока трага во локалната заедница.

Покрај медицинската професија, Андоновски бил активно вклучен и во спортскиот живот на Пробиштип, соработувајќи со повеќе спортски клубови и обезбедувајќи медицинска грижа за спортистите.

Семејството на починатиот лекар упати посебен хуманитарен апел до сите што сакаат да му оддадат последна почит.

Наместо купување цвеќе, букети и погребни венци, семејството повика средствата да бидат донирани за хуманитарни цели.

За таа намена, претставници на Црвениот крст ќе бидат присутни во капелата и на погребот, каде што ќе собираат доброволни прилози за лицата на кои помошта им е најпотребна.

Погребот на д-р Мијалче Андоновски е закажан за денеска, 18 ноември, во 14 часот, на градските гробишта во Пробиштип.

Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 12 до 14 часот.

Со неговото заминување, Пробиштип загуби почитуван лекар и хуманист, чија професионална посветеност и човечност ќе останат во сеќавањето на многумина.