ПРВ.мк
Свет

ЕВРОПСКА КОМПАНИЈА ЈА ОТКРИ СВОЈАТА УЛОГА ВО ГОЛЕМИОТ УКРАИНСКИ НАПАД: „Го погодивме со седум ракети!“

ЕВРОПСКА КОМПАНИЈА ЈА ОТКРИ СВОЈАТА УЛОГА ВО ГОЛЕМИОТ УКРАИНСКИ НАПАД: „Го погодивме со седум ракети!“

Нови информации за големиот украински напад врз Кримскиот мост, една од најважните стратешки врски меѓу Русија и окупираниот полуостров Крим, објави европската одбранбена компанија „Дестинус“.

Компанијата тврди дека седум нејзини крстосувачки ракети RUTA го погодиле мостот и предизвикале уривање на еден дел од неговата конструкција.

Според објавата на производителот, нападите биле изведени во текот на два последователни дена.

„Минатата ноќ нападите ја оштетија горната носечка конструкција на мостот. Денес седум ракети RUTA го погодија мостот, по што се урна еден негов распон“, соопшти компанијата.

Во операцијата, според „Дестинус“, биле користени и беспилотни системи LORD и Da Vinci, чија задача била да ја попречат руската противвоздушна одбрана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот бил изведен во седум фази, со употреба на 11 различни видови оружје.

Меѓу нив се ракетите RUTA, FP-5 Flamingo и Neptune, како и повеќе видови беспилотни летала.

Според неговите наводи, украинските сили го гаѓале и патниот и железничкиот дел на Кримскиот мост.

Во меѓувреме, Денис Штилерман, коосновач на украинската компанија „Фајр поинт“, објавил видеоснимка за која тврди дека прикажува ракета Flamingo непосредно пред ударот во мостот.

Руските власти потврдија дека патниот и железничкиот сообраќај преку мостот е прекинат, но засега официјално не потврдија уривање на дел од конструкцијата.

Кримскиот мост е долг околу 19 километри и претставува клучна сообраќајна и логистичка врска меѓу Русија и Крим.

Мостот беше отворен во 2018 година, а досега повеќепати бил цел на украински напади.

Иако „Дестинус“ тврди дека седум ракети RUTA предизвикале сериозно оштетување, точниот обем на штетата и улогата на секој употребен вид оружје сè уште не се независно потврдени.