ПРВ.мк
Свет

НОВ ИНЦИДЕНТ ВО АМЕРИКА: Падна строго доверлива комуникациска мрежа на Националната безбедносна агенција

НОВ ИНЦИДЕНТ ВО АМЕРИКА: Падна строго доверлива комуникациска мрежа на Националната безбедносна агенција

Нов технички инцидент во Соединетите Американски Држави предизвика внимание откако беше објавено дека престанала да функционира внатрешна комуникациска мрежа на американската Национална безбедносна агенција (НСА), која се користи за размена на доверливи информации.

Според информациите на Си-Ен-Ен, проблемот ја погодил мрежата NSA Net, преку која вработените во агенцијата разменуваат класифицирани податоци.

Од Националната безбедносна агенција потврдија дека дел од внатрешните системи биле погодени, но нагласија дека причината е поврзана со редовно техничко одржување.

„Квалитетот на нашите услуги привремено беше намален за време на планирано рутинско одржување“, соопштија од агенцијата.

Од НСА уверуваат дека клучните функции останале целосно оперативни и покрај техничкиот проблем.

Според портпаролот на агенцијата, инфраструктурата располага со повеќе резервни механизми кои овозможуваат продолжување на работата и во случај на непредвидени прекини.

Американскиот „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извор запознаен со ситуацијата, објави дека агенцијата спроведувала ажурирање на софтверот.

Засега нема докази дека прекинот е последица на хакерски или друг кибернетички напад.

Инцидентот се случува во период кога во САД и пошироко беа регистрирани повеќе големи технички проблеми, меѓу кои прекини на услугите на „Мајкрософт“, нарушувања во американскиот авиосообраќај и привремени проблеми со банкарските услуги.

Надлежните институции не утврдиле поврзаност меѓу овие настани.

За случајот беше прашан и американскиот претседател Доналд Трамп, кој го намали значењето на техничките прекини.

„Такви работи се случуваат. Во ред е“, изјави Трамп пред новинарите во Манила.