Судењето против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска од Охрид, е закажано за 27 ноември, додека Обвинителството располага со дополнителни докази поврзани со случајот.
Според информациите што ги објави „Вечер“, покрај медицинската документација и досега собраните материјали, полицијата обезбедила и нови видеоснимки од настаните за кои се товари обвинетиот.
Против Корабоски е поднесено обвинение за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Обвинението за противправно лишување од слобода се однесува на настан во автомобил, кога, според Обвинителството, Сара побарала да излезе од возилото, но обвинетиот не ѝ дозволил и продолжил да вози со голема брзина.
На 31-годишниот обвинет му е определен 30-дневен притвор.
Во меѓувреме, Сара е пуштена од болницата „Св. Еразмо“ во Охрид, но продолжува со медицински испитувања во клиника во Скопје, со цел целосно да се утврди нејзината здравствена состојба.
Според првичните болнички информации, кај 26-годишната девојка биле констатирани повеќе повреди, хематоми и модринки.
Дополнително, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најави проверка за евентуални пропусти во постапувањето на полициските службеници во овој случај.
Судската постапка треба да започне на 27 ноември, кога ќе продолжи разгледувањето на обвинението и доказите.







