Голем кибернетички напад погоди веб-страници поврзани со 178 светски компании и организации, меѓу кои се Zoom, CNN, BBC, IKEA, HSBC и Salesforce, предизвикувајќи загриженост за можната безбедност на личните и финансиските податоци на корисниците.
Според истражувањето на компанијата за кибернетичка безбедност Report URI, хакерите искористиле ранливост во платформата Optimizely, која ја користат бројни големи компании за тестирање и оптимизација на своите интернет-страници.
Истражувачите откриле 188 заразени скрипти на веб-страниците на 178 организации.
Во нив бил вметнат злонамерен JavaScript-код, кој потенцијално можел да краде податоци од банкарски картички, да менува адреси на криптовалутни паричници и да пристапува до информации зачувани во интернет-прелистувачите.
Одредени делови од кодот биле насочени и кон постари верзии на уредите iPhone и iPad.
Според истражувачите, во период од само девет часа напаѓачите прибавиле криптовалути во вредност од приближно 7.040 долари.
Вистинскиот обем на евентуално украдените податоци и финансиската штета засега не е утврден.
Од компанијата Optimizely потврдиле дека нивната платформа била цел на напад, но соопштиле дека безбедносниот пропуст е отстранет, а злонамерниот код избришан.
IKEA ги испитува можните последици, додека Equifax соопшти дека не пронашла докази за компромитирање на своите системи или податоци.
Експертите предупредуваат дека самата посета на заразена веб-страница не значи автоматски дека личните податоци биле украдени.
Сепак, на корисниците кои на 16 ноември посетувале некоја од погодените страници им се препорачува да ги проверат банкарските сметки, да внимаваат на сомнителни трансакции и да ги ажурираат своите уреди и интернет-прелистувачи.
Доколку забележат неовластени плаќања или сомнителни активности, треба веднаш да ја контактираат својата банка.







