ПРВ.мк
Наука/Технологија

МЕТЕОРОЛОЗИТЕ ЗАГРИЖЕНИ: Се распадна поларниот вртлог, Европа може да ја очекува силен студ и снег

МЕТЕОРОЛОЗИТЕ ЗАГРИЖЕНИ: Се распадна поларниот вртлог, Европа може да ја очекува силен студ и снег

Невообичаена атмосферска појава ги загрижи метеоролозите ширум светот, откако поларниот вртлог над Северниот Пол беше нарушен рекордно рано, што би можело да предизвика значителни промени на времето во Европа во наредните недели.

Научниците предупредуваат дека постои можност за продор на арктички студ, снежни врнежи и подолги периоди на ниски температури, но нагласуваат дека засега не може со сигурност да се предвиди каква зима ја очекува Европа.

Поларниот вртлог претставува силна воздушна циркулација во атмосферата, која помага студениот воздух да остане над арктичките предели.

Овој ноември е забележано невообичаено рано нарушување на вртлогот, поврзано со таканареченото нагло стратосферско затоплување. При оваа појава, ветровите на голема височина ослабуваат, а понекогаш го менуваат и правецот.

Според метеоролошките анализи, промената се случила на 10 ноември, дури 18 дена порано од претходниот рекорд.

Експертите потсетуваат на зимата во 2018 година, кога продорот на студен воздух, познат како „Ѕверот од Истокот“, предизвика екстремно ниски температури и обилни снежни врнежи во повеќе европски земји.

Сепак, нагласуваат дека нарушувањето на поларниот вртлог не мора автоматски да значи повторување на таквото сценарио.

Последиците од атмосферските промени можат да се почувствуваат по неколку недели и да траат подолг период.

Покрај Европа, можни временски промени се очекуваат и во Северна Америка и северните делови на Азија.

Научниците продолжуваат внимателно да ги следат атмосферските процеси, бидејќи раното нарушување на поларниот вртлог го отежнува предвидувањето на временските услови за претстојната зима.