Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на својата годишна сесија во Бусан, Јужна Кореја, донесе одлука Охридскиот Регион засега да не биде впишан на Листата на светски наследства во опасност.
Со оваа одлука, Македонија доби дополнителен рок од пет години за да ги реализира препораките што организацијата со години ги посочува како неопходни за зачувување на природното и културното наследство во регионот.
Меѓу клучните барања на УНЕСКО се спречување на неконтролираната урбанизација и нелегалната градба, подобро урбанистичко планирање, поголема заштита на Охридското Езеро и културните добра, намалување на притисокот од туризмот, како и изработка на сеопфатна стратегија за управување со регионот со јасни рокови и одговорности.
Во претходните извештаи, УНЕСКО предупредуваше дека кумулативниот ефект од урбанизацијата, инфраструктурните проекти и недоволната контрола може сериозно да ја наруши исклучителната универзална вредност поради која Охридскиот Регион беше впишан на Листата на светско наследство во 1979 година, а неговото природно наследство беше дополнително признаено во 1980 година.
Дел од експертската јавност смета дека евентуалното впишување на Охрид на Листата на светски наследства во опасност би овозможило поголема меѓународна поддршка и експертска помош за надминување на долгогодишните проблеми. Сепак, со најновата одлука Македонија добива уште една можност да покаже дека може ефикасно да ги спроведе неопходните мерки и да го зачува статусот на Охрид како едно од најзначајните светски природни и културни богатства.








