ПРВ.мк
Македонија

Денес се слави Свети Игнат: Ден што, според народот, ја одредува целата година

Денес се слави Свети Игнат: Ден што, според народот, ја одредува целата година
Kristal

Денес, на 2 јануари, се одбележува празникот Свети Игнат, ден кој во народните верувања има силна симболика и особено значење. Се смета дека токму од овој датум денот почнува постепено да се зголемува, носејќи со себе нова животна енергија и надеж.

Според старите преданија, она што човек ќе го прави или што ќе му се случува на овој ден се верувало дека ќе го следи во текот на целата година. Затоа, во народот постои изреката дека каков ќе биде 2 јануари – таква ќе биде и годината што претстои.

Посебно внимание се посветувало и на првиот човек кој ќе влезе во домот. Доколку тоа бил млад, ведар и насмеан човек, се верувало дека носи среќа, бериќет и радост. Ако, пак, прв влезел постар човек, народот сметал дека годината нема да биде поволна.

Токму поради овие верувања, се советува денот да се помине во мир и добро расположение. Да се избегнуваат кавги, нервоза и лоши мисли, и да не се прави ништо што човек не би сакал да го следи во текот на целата година. Се препорачува домот симболично да се „отвори“ за доброто, со насмевка, спокој и позитивна енергија.

Во народот се вели и дека е добро пред спиење да се прочитаат неколку страници од добра книга, за, како што кажувале старите, „умно да тргне годината“. Овој ден е и потсетник да не се заборават блиските – да им се каже колку значат и да се исполни денот со мир, љубов и благодарност.

FixCredit
Escape