Жителите на селото Дворци, во Општина Пласница, добија предупредување дека водата од локалниот водовод не е безбедна за пиење, откако микробиолошките анализи покажале присуство на бактерии од цревно потекло.
Според соопштението на Месната заедница, Центарот за јавно здравје – Прилеп утврдил дека водата не е здравствено исправна и не смее да се користи за пиење без претходно вриење од најмалку 10 минути.
Анализата покажала присуство на 34 cfu/100 ml вкупни колиформни бактерии и 3 cfu/100 ml Escherichia coli (E. coli), поради што примерокот не ги исполнува условите за безбедна вода за пиење.
Од Месната заедница посочуваат дека со години бараат селото да биде приклучено на системот за водоснабдување „Студенчица“, но наместо тоа жителите и понатаму користат вода од стар водовод изграден во почетокот на 1980-тите години.
Во соопштението се наведува и дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација уште во декември 2025 година доставила мислење до Општина Пласница, со препорака во рок од 90 дена да започне реализација на проект за обезбедување безбедна вода за пиење за жителите на селото.
До трајно решавање на проблемот, на жителите им се препорачува водата задолжително да ја варат пред употреба или да користат друг безбеден извор за пиење и подготовка на храна.








