ПРВ.мк
Македонија

Ако вашето дете изврши насилство во училиште, ова е казната што ќе ја платите

Ако вашето дете изврши насилство во училиште, ова е казната што ќе ја платите

Собранието ја утврди потребата по скратена постапка да ги донесе измените на законите за основно и средно образование, со кои се предвидува глоба од 250 евра за родителите чии деца ќе извршат насилство во училиште.

Според предложените измени, паричната казна нема да биде еднократна мерка, туку ќе се изрекува за секој поединечен случај на насилство. Истата ќе важи и за родители или старатели кои ќе одбијат да соработуваат со училиштето во постапките за спречување и надминување на проблемот.

Измените следуваат по серија сериозни инциденти во училиштата низ државата, меѓу кои нападот во ООУ „25 Мај“ во Ченто, каде 15-годишен ученик беше тешко повреден со остар предмет, како и случаите на врсничко насилство во Ѓорче Петров, Студеничани и Сингелиќ.

Според предлогот, училиштата ќе имаат обврска во рок од три дена по изрекувањето на педагошка мерка да го известат Државниот просветен инспекторат, кој ќе може да поведе прекршочна постапка и да изрече парична казна.

Министерката за образование Весна Јаневска претходно изјави дека целта на измените е да се зајакне одговорноста на родителите и да се намали врсничкото насилство.

Во меѓувреме, дел од стручната јавност и опозицијата оценуваат дека, покрај казнените мерки, неопходни се повеќе психолози и педагози во училиштата, унифицирани безбедносни протоколи и системска поддршка за превенција и справување со сите облици на насилство.