ПРВ.мк
Македонија

Само тројца ученици се запишале во средното училиште во Битола - Јаневска најави големи промени

Само тројца ученици се запишале во средното училиште во Битола - Јаневска најави големи промени

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави промени во организацијата на земјоделското образование во Битола, откако во првиот уписен рок во тамошното земјоделско училиште биле запишани само тројца ученици во прва година.

Според неа, досегашните анализи на Министерството се покажале како точни, а слабиот интерес за оваа струка отвора потреба од поинаков пристап во иднина.

Јаневска посочи дека училиштето требало поактивно да работи на промоција на образовните програми и привлекување на деветтоодделенците, со цел да се зголеми интересот за упис.

Поради малиот број запишани ученици, законските услови не дозволуваат формирање паралелка со само тројца ученици. Затоа е донесена одлука од следната учебна година земјоделската струка да биде префрлена во Регионалниот центар во Битола.

Учениците кои годинава се пријавиле за оваа насока ќе бидат пренасочени кон други образовни профили, додека учениците од повисоките години ќе продолжат да ја следат наставата без промени до завршување на своето образование.

Во меѓувреме, Министерството очекува по завршувањето на вториот уписен рок речиси целосно да бидат пополнети предвидените места во средните училишта низ државата.