ПРВ.мк
Македонија

ДРАЧЕВО ВО СТРАВ ОД ЗАРАЗАТА: Граѓаните не чекаат ни ден, веднаш бараат лекарска помош

ДРАЧЕВО ВО СТРАВ ОД ЗАРАЗАТА: Граѓаните не чекаат ни ден, веднаш бараат лекарска помош

Загриженоста поради западно-нилската треска расте во Македонија, а особено внимание привлекува скопско Драчево, од каде што, според информациите, лекарска помош бараат повеќе граѓани.

Во земјава оваа сезона официјално се потврдени 20 случаи, но медицинските лица предупредуваат дека реалниот број на заразени би можел да биде поголем.

Жителите на Драчево, особено повозрасните и лицата кои спаѓаат во ризичните групи, внимателно ја следат ситуацијата и преземаат дополнителни мерки за заштита од комарци.

По првите тегоби – веднаш на лекар

Матичните лекари забележуваат промена во однесувањето на пациентите.

Додека порано многумина чекале два или три дена за да видат дали здравствените тегоби ќе поминат, сега по појава на симптоми побрзо бараат лекарска помош. Дел од граѓаните се упатуваат и на Клиниката за инфективни болести за дополнителни испитувања.

Матичните лекари можат да направат основни крвни анализи и да дадат медицински совет, но за потврдување на инфекција со вирусот се потребни специфични испитувања.

Комарците проблем во близина на каналите

Жителите посочуваат дека во одредени делови од Драчево има голем број комарци, особено околу каналите и местата каде што се задржува вода.

„Кај што има канал, кај што има вода, има повеќе комарци“, вели еден од жителите.

Други веќе поставиле мрежи на прозорците, користат средства против комарци и ја отстрануваат застоената вода од дворовите.

„Ставивме мрежи, а старата вода што ја имавме ја фрливме“, раскажува друг жител.

Тројца пациенти во тешка состојба

Според информациите наведени во извештајот, на Клиниката за инфективни болести има хоспитализирани пациенти, а тројца се во тешка здравствена состојба. Уште еден пациент се лекува во приватна здравствена установа.

Особено внимание се препорачува кај повозрасните лица и оние со хронични заболувања, кои имаат поголем ризик од потешка форма на болеста.

Во последните 15 години во Македонија биле регистрирани и пет смртни случаи поврзани со западно-нилската треска.

Надлежните и здравствените работници апелираат граѓаните да преземаат мерки за заштита од комарци и при појава на сериозни или невообичаени здравствени симптоми да се консултираат со лекар.