Во наредните недели во Гостивар постои ризик од појава на хепатит А и хепатит Е како можна задоцнета последица од загадувањето на водата, предупреди Комисијата за заразни болести.
Од Комисијата нагласуваат дека засега нема регистрирани ниту потврдени случаи на овие заболувања. Сепак, поради периодот на инкубација на вирусите, најавен е засилен епидемиолошки надзор.
Претседателката на Комисијата, Жаклина Шопова, информираше дека во изминатите десет дена околу 3.850 жители побарале медицинска помош поради дијареа, повраќање и други стомачни тегоби. Иако бројот на нови пациенти се намалува, здравствените власти предупредуваат дека дополнителни заболувања може да се појават подоцна.
Хепатит А најчесто се пренесува преку загадена храна или вода, а симптомите може да се појават околу еден месец по заразувањето. Кај хепатит Е, инкубацијата може да трае од две до десет недели.
Од Комисијата појаснуваат дека предупредувањето не значи дека во Гостивар веќе има епидемија на жолтица. Граѓаните треба да побараат лекарска помош доколку забележат пожолтување на кожата или белките на очите, темна урина, силен замор, мачнина или болки во стомакот.
Кај досегашните пациенти не е утврден единствен причинител на цревните инфекции. Во дел од примероците биле откриени астровирус и шигела.
Надлежните повторно апелираат водата од гостиварскиот водовод да не се користи сè додека официјално не биде прогласена за безбедна.










