Помошник-директорот во Царинската управа, кој е осомничен за примање поткуп и награда за противзаконито влијание, при полициската акција се обидел да побегне, при што со автомобил удрил полициски службеник и службено полициско возило, соопшти МВР.
Станува збор за 63-годишниот Џ.И. од тетовското село Шипковица. Според информациите од МВР и Обвинителството, постои сомнение дека во периодот од април до септември 2026 година во повеќе наврати побарал вкупно 17.500 евра од граѓанин, кој потоа го пријавил случајот.
На 10 септември била договорена средба на која осомничениот, според МВР, ги примил побараните 17.500 евра, по што со автомобил се упатил кон Тетово.
Во близина на клучката Желино, полициски службеници се обиделе да го запрат, но тој не застанал. Според полициското соопштение, со возилото удрил во полицаец и во службено полициско возило, а потоа продолжил да бега.
Додека бегал, низ прозорецот од совозачката страна фрлил машка ташна во која се наоѓале парите што претходно ги примил.
Осомничениот ќе одговара за кривичните дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“.






