По неколку месеци чекање, вкупно 311 домаќинства со деца со попреченост, како и 94 згрижувачки семејства, конечно ги добија своите субвенции за струја. Министерството за енергетика соопшти дека исплатата започнала во јули, при што на овие семејства одеднаш им биле префрлени средствата за март, април, мај и јуни.
Од Министерството појаснуваат дека доколку исплатената сума го надмине износот на сметката за електрична енергија, остатокот се пренесува за следниот месец, и на сметката се појавува како претплата.
Паралелно со исплатата, во тек е нов повик за аплицирање за две програми за финансиска поддршка, наменети за ранливи категории граѓани.
Програма 1: Финансиска поддршка за ранливи потрошувачи на електрична енергија
Оваа поддршка е наменета за:
- домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост,
- со најтешка телесна попреченост,
- целосно слепо или целосно глуво лице.
Поддршката изнесува 1.000 денари месечно, во текот на 12 месеци, директно преку намалување на месечната сметка за електрична енергија.
Програма 2: Инвертер клима-уреди за домаќинства со ниски приходи
Оваа мерка има за цел да ја намали потрошувачката на струја и да ја подобри енергетската ефикасност. Вклучува набавка и вградување на инвертер клима-уреди, за семејства кои ги исполнуваат условите објавени во јавниот оглас.
Вкупниот буџет за оваа мерка изнесува 170 милиони денари, од кои:
- 120 милиони денари се наменети за домаќинства со ниски приходи,
- 50 милиони денари за домаќинства чии единствен приход е пензија.
Избраните домаќинства ќе добијат инсталиран инвертер клима уред со моќност од 3.5 kW и најмалку енергетска класа А+, како дел од пошироките мерки за енергетска ефикасност и намалување на трошоците.