Германија ќе испрати воена помош за Украина во вредност од 500 милиони долари преку нова НАТО линија за снабдување, со фокус на противвоздушна одбрана. Министерствата за надворешни работи и одбрана наведоа дека системите се „итно потребни за заштита од руски воздушни напади кои секојдневно убиваат цивили“.
Европските сојузници на Украина одржаа виртуелни состаноци пред самитот меѓу претседателите на САД и Русија, со цел да покажат единство и усогласат ставови. Аналитичарите сметаат дека ова можеби е последна шанса за поставување јасни „црвени линии“ пред преговорите.
Германскиот канцелар и други европски лидери ја оценија дискусијата со Трамп како продуктивна и наведоа дека ставовите на Украина, нејзините европски сојузници и САД се „углавном усогласени“.
Во заедничката изјава на „Коалицијата на доброволци“ се истакнува дека Русија не може да има право вето на пристапот на Украина во ЕУ и НАТО, а не смеат да се наметнуваат ограничувања за украинските вооружени сили или соработка со трети земји.
Клучните принципи за преговорите со Путин вклучуваат: прекин на огнот или значително намалување на непријателствата, нови санкции ако не се постигне прекин на огнот, забрана на промена на меѓународните граници со сила и гаранции за територијален интегритет и суверенитет на Украина.
НАТО веќе почна да координира редовни испораки на оружје. Холандија најави помош од 500 милиони евра, а Шведска, Данска и Норвешка ќе достават противвоздушни системи, противтенковско оружје, муниција и резервни делови во вредност од 500 милиони долари.