ПРВ.мк
Македонија

Девојка од Кочани чека дозвола за лекување во странство - но зошто судот повторно ја одби?

Девојка од Кочани чека дозвола за лекување во странство - но зошто судот повторно ја одби?

Ива Михаилова, млада девојка потекнува од Кочани која живее и работи во Бугарија, веќе седум месеци се соочува со исклучително сериозна комбинација од правни ограничувања и тешка здравствена состојба, по сообраќајна несреќа што целосно ѝ го променила животот. И покрај препораките од лекарите за итно лекување во странство, судските органи засега не ѝ дозволуваат напуштање на државата.

Несреќата се случила на 7 октомври 2025 година, на патниот правец меѓу Кочани и Штип. Според нејзиното сведочење и дел од извршените вештачења, во критичниот момент возило од спротивната насока навлегло во нејзината коловозна лента, при обид да се избегне непрописно паркирано полициско возило. Во тој судир, автомобилот на Михаилова излетал од патот, а во другото возило животот го загубил сопатник.

Иако таа тврди дека не носи вина за настанот, полицијата ја посочила како осомничено лице во период кога била хоспитализирана во Скопје. Во рамки на постапката ѝ биле одземени и македонскиот и бугарскиот пасош, а истовремено ѝ била изречена и мерка забрана за напуштање на државата.

Нејзината правна одбрана наведува дека има повеќе сведоци кои можат да ја потврдат нејзината верзија на настаните, како и евентуални пропусти во постапувањето на полициските службеници. Сепак, според досегашните информации, обвинителството има повикано само еден сведок, што дополнително ја усложнува постапката и ја одолговлекува истрагата.

Во меѓувреме, здравствената состојба на Ива Михаилова значително се влошува. Таа има сериозни повреди на ’рбетниот столб со притисок врз нервните структури, што резултирало со парализа на левата нога и дијагноза на делумна параплегија. Медицинските специјалисти препорачуваат итна хируршка интервенција со имплантација на специјална пумпа, процедура која не се изведува во државата, туку е достапна во здравствени центри во Турција, Израел и Бугарија.

И покрај доставените медицински извештаи кои укажуваат на висок ризик од траен инвалидитет доколку не се реагира навреме, Основниот суд во Кочани двапати го одбил барањето за привремено враќање на патните исправи. Образложението било дека нејзината здравствена состојба не претставува непосредна опасност по животот и дека постојните мерки се неопходни за непречено водење на постапката.

Одбраната поднела ново барање, во кое е понудена и гаранција со недвижен имот како обезбедување. Во исто време, Михаилова истакнува дека со ваквите одлуки ѝ се ограничуваат основни човекови права и дека се доведува во прашање нејзината можност за лекување.

Додека правната постапка продолжува без конечна одлука, таа упатува апел да ѝ се овозможи итно лекување во странство, предупредувајќи дека секое дополнително одложување значително го зголемува ризикот од трајни и неповратни последици по нејзиното здравје.