ПРВ.мк
Македонија

МВР со итно предупредување до граѓаните: Не отворајте ги овие пораки од „Безбеден град“

МВР со итно предупредување до граѓаните: Не отворајте ги овие пораки од „Безбеден град“

Министерството за внатрешни работи предупредува на појава на нови фишинг измами преку кои граѓаните добиваат лажни пораки за наводно сторени сообраќајни прекршоци од системот „Безбеден град“.

Според МВР, измамите се шират преку СМС пораки, електронска пошта, веб-страници, мобилни апликации и социјални мрежи.

Во лажните пораки се тврди дека известувањето доаѓа од Оддел за моторни возила и дека граѓанинот треба да плати казна за сообраќаен прекршок. Во пораката е поставен лажен линк преку кој жртвата се пренасочува на страница за уплата.

Од МВР апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не споделуваат лични и банкарски податоци, како броеви на платежни картички, лозинки и лични идентификатори.

Како да ја препознаете вистинската порака?

МВР објаснува дека СМС известувањата за направен сообраќаен прекршок треба да пристигнуваат од испраќачот „MVR-SC“.

Во текстот на пораката задолжително треба да биде наведена и регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот.

Дополнително, официјалниот линк треба да започнува со доменот safecountry.mvr.gov.mk.

Граѓаните се советуваат внимателно да ја проверуваат адресата на испраќачот, да користат двофакторска автентикација каде што е можно и сомнителните пораки да ги пријават кај надлежните институции или во својата банка.

Секторот за компјутерски криминал при МВР продолжува со истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваквите измами.